По пауза од десет години, поранешни фудбалери и спортски работници од Штип формираа нов женски фудбалски клуб, составен од девојчиња од основните училишта во градот. Над 20 млади фудбалерки веќе се членови на ФК Мал Ајакс, кој ќе се натпреварува во кадетската лига на Македонија.
Поранешниот фудбалер на Брегалница Влатко Манев и спортскиот работник и професор по физичка култура Мијалче Маџаров како координатори го формираа Мал Ајакс, чија машка екипа пред три децении беше првак на Македонија во футсал, а во последните години е меѓу водечките во државата.
„Во новоформираниот клуб членуваат девојчиња од шесто до деветто одделение. Идејата е уште од рана возраст да стекнат фудбалско знаење. Пред вонредната состојба, во Штип одигравме ревијален натпревар со Тиверија од Струмица, која е водечка во македонската лига. По натпреварот, Тиверија побара шест наши фудбалерки да играат за нивната екипа. По консултација со родителите, ја прифативме соработката“, вели Манев.
Новиот клуб е една комплетна екипа. Има раководство со претседател, а тројца тренери ќе ги водат тренинзите.
„Спортскиот клуб Мал Ајакс има и машка кадетско-младинска фудбалска екипа. Сакаме и работиме на тоа да бидеме расадник на талентирани фудбалери. Младинските фудбалски екипи на Перуџа, Марибор и на Партизан веќе пројавиле интерес да земат тројца наши играчи“, објаснува Манев.
Т. ЈОВАНОВСКИ