Реал Мадрид го освои Светското клупско првенство по третпат во последните четири години, откако во финалето го совлада јужноамериканскиот шампион Гремио со 1:0.
Новата титула на мадриѓаните им ја донесе Кристијано Роналдо, кој во 53. минута од слободен удар го постигна единствениот гол на средбата, што се играше во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.
Реал е првиот клуб кој успеал да ја одбрани светската титула, а само неколку месеци порано, истото му појде од рака и во Лигата на шампионите.
„Кралскиот клуб“ е и најтрофејната екипа во ова натпреварување, кое до 2000 година се играше под името Интерконтинентален куп, откако триумфираше и во 1960, 1998, 2002, 2014 и во 2016 година.