ПОЧИНА ФУДБАЛСКАТА ЛЕГЕНДА БЛАГОЈ ИСТАТОВ

    ПОЧИНА ФУДБАЛСКАТА ЛЕГЕНДА БЛАГОЈ ИСТАТОВБлагој Истатов во кариерата го носеше дресот на Беласица, Победа, Партизан и Утрехт (Фото: ФФМ)

    Голманската легенда на македонскиот фудбал Благој Истатов почина денеска на 71-годишна возраст.

    Роден во 1947 година, Истатов ја почна кариерата во родната Струмица, придружувајќи ѝ се на Беласица како 15-годишник. Тој беше дел од генерацијата на Беласица која го освои младинскиот Куп на Југославија во 1965 година, што веќе наредната сезона му обезбеди место во првиот тим на клубот.

    По неколку успешни сезони на голот на Беласица, тој потпиша за прилепска Победа, која со тоа доби голман од европски формат. Откако одигра 210 натпревари за Победа, Истатов во 1973 година направи трансфер во белградски Партизан, каде што за три сезони исто така остави одличен впечаток. Неговата кариера потоа продолжи надвор од границите на Југославија, во силното холандско првенство, каде што две години го носеше дресот на Утрехт.

    Спортската и животна приказна на Истатов почна и заврши во Струмица и Беласица, каде што долги години беше тренер, а своето богато знаење го пренесуваше и преку својот фудбалски камп во Дојран. Фудбалската федерација на Македонија во 2015 година му додели награда за животно дело.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира