Легендарниот тениски тренер Никола Пилиќ почина на 86 години во Риека. Тој е единствениот тренер кој предводеше три репрезентации до триумф во Дејвис купот – Западна Германија, Хрватска и Србија.
Пилиќ беше еден од клучните луѓе во создавањето на Асоцијацијата на професионални тенисери (АТП) и му помогна на Новак Ѓоковиќ да се искачи до врвот на светскиот тенис.
Роден во 1939 во Сплит, со Пилиќ се врзуваат почетоците на професионалниот тенис во регионот. Како тенисер, најголемиот успех го оствари во 1973 година, кога играше во финалето на Ролан Гарос, но беше поразен од Илие Настасе. Во кариерата освои девет титули во поединечна конкуренција и шест во двојки, вклучувајќи го Отвореното првенство на САД во 1970. Најдобриот пласман на АТП-листата му беше шестото место.
Пилиќ беше суспендиран во 1973 година поради одбивањето да игра за Дејвис куп тимот на Југославија, по што 81 тенисер го бојкотираа Вимблдон во знак на поддршка.
По играчката кариера стана уште поуспешен тренер. Со Германија славеше во Дејвис купот во 1988, 1989 и 1993, со Хрватска во 2005 и со Србија во 2010, кога имаше улога на советник.
Во неговата тениска академија тренираа бројни врвни тенисери, меѓу кои и Новак Ѓоковиќ, кој го сметаше Пилиќ за свој тениски татко.