Легендарниот фудбалски тренер Сезар Луис Меноти, под чие водство Аргентина ја освои првата светска титула, почина на 85 години. Меноти беше селектор на Аргентина кога таа ја победи Холандија со 3:1 во финалето на Светското првенство во 1978 на домашен терен.
Како играч, Меноти настапуваше заедно со Пеле во Сантос и 11 пати го носеше дресот на Аргентина. Потоа ја почна тренерската кариера, која траеше 37 години и го однесе во Италија, Мексико, Уругвај и Барселона, со која освои два трофеи за две сезони.
Репрезентацијата на Аргентина ја презеде во 1974 и предизвика контроверзи кога не го вклучи тогаш 17-годишниот Диего Марадона во тимот за СП 1978, иако една година порано му овозможи деби во националниот дрес.
Следната година со Марадона во тимот, Меноти ја предводеше Аргентина и до титулата на Светското младинско првенство.
Меноти се повлече од клупата на Аргентина по раната елиминација од СП 1982 во Шпанија.