Турбулентниот приватен живот на Диего Армандо Марадона, исполнет со судските битки за докажување татковство, навестува дека поделбата на неговото наследство ќе биде сложена задача за адвокатите, кои ќе се соочат со барања од голем број негови деца, од кои некои не се ни признати.
„Ќе има голема борба, зашто тој не остави тестамент“, изјави извор близок до семејството.
Марадона заработи и упропасти милиони долари во текот на својата кариера. Некои информации кажуваат дека тој во моментот на смртта располагал со имот вреден 90 милиони долари, додека други велат дека имал далеку помалку. Тоа вклучува и лични предмети, правата за неговото име, инвестиции, луксузни автомобили, па дури и амфибиски тенк, што го добил на подарок додека бил почесен претседател на белорускиот фудбалски клуб Динамо Минск.
„Тој беше разведен и има осум деца, па неговото наследство ќе се дели на многу делови. Тоа ќе биде сложен процес. Во вакви случаи, може да трае вечно“, изјави адвокатот Мартин Аполо.
Марадона само еднаш се женеше, со својата љубов од детството Клаудија Вилафане, од која се разведе во 2004 по 15 години брак. Со неа ги доби ќерките Далма и Џанина, но низ годините беше принуден да признае уште три деца. Диего Џуниор, чија мајка е италијанската пејачка Кристијана Синагра, чекаше најдолго на тоа – 29 години. Јана ја призна за своја ќерка во 2008, 12 години по нејзиното раѓање, а во 2013 му се роди синот Диего Охеда.
Според адвокатот на Марадона, и најмалку три деца од Куба тврдеа дека тој им е татко.
„Најважната битка ќе се води за правата за неговиот бренд и за неговите дресови. Кој знае колку вредат тие“, смета Аполо.