Борец по 18 години се враќа во Првата фудбалска лига, откако на 27 одиграни натпревари во Втората лига Исток освои 66 бода, девет повеќе од Тиквеш. По победата над Тиквеш од 3:1 во последното коло, пехарот за освоеното прво место заврши во рацете на велешките фудбалери.
Претседателот и финансиер на клубот, Кочо Анѓушев, не можеше да се израдува со неговите фудбалери бидејќи беше во Рим на чествувањето на Свети Кирил. Тој го презеде клубот на 20 декември 2016, кога Борец беше член на Трета лига Центар и за две и пол години стигна до Првата лига. Дали обврските кон клубот наспроти обврските како потпретседател на Владата му се задоволство или грижа, тој рече:
„Доколку се нема љубов и задоволство кон тоа што се работи, сѐ натаму е беспредметно. Почнавме од нула, требаше да се обезбеди финансирање на клубот, да се организира, да се мотивираат играчите, што донесе резултат. Убедливо го освоивме првото место, сега сите погледи се свртени кон Првата лига. Потребна е подобра организација на клубот, треба да се засилиме со повеќе квалитетни фудбалери, а костурот да остане ист. Им честитам на фудбалерите, но и на сите кои придонесоа Борец да биде прв“, изјави Анѓушев.
Без оглед на временските услови тој често со семејството беше на Градски стадион и го следеше Борец.
Во клупската историја е запишано и дека од зимата 1999 до летото 2000 претседател на клубот беше жена, тогашната парламентарка од Велес, д-р Марија Јорданов, што беше прв таков случај во Македонија.
П. ПЕЧКОВ