ПРОДАЖБАТА НА ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ БРЕГАЛНИЦА ПРВПАТ ГИ ОБЕДИНИ СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО ШТИП

    ПРОДАЖБАТА НА ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ БРЕГАЛНИЦА ПРВПАТ ГИ ОБЕДИНИ СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ВО ШТИПАкциите на клубот ќе се продаваат по номинална вредност од 100 евра по акција (Фото: СДК.МК)

    Фудбалскиот клуб Брегалница, кој отсекогаш важел за градски клуб, успеа да ги спои спротивставените политички страни од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, па Советот на Општина Штип донесе консензуална одлука на продажба да се стават акциите на клубот.

    Ова е прва акламативна одлука на штипскиот совет во плурализмот, односно еден предлог едногласно да биде прифатен од страна на водечките партии во Штип. Претставниците на двете советнички групи истакнаа дека сето ова е во интерес на граѓаните.

    Според одлуката, акциите ќе се продаваат по номинална вредност од 100 евра по акција, но никој не спомена и не открива за колку акции станува збор. Ова е втор обид за продажба на ФК Брегалница. Тендер беше распишан и во време на претходната локална власт, но брзо беше поништен. Интерес за купување на клубот со речиси едновековна традиција сега пројавиле неколку познати компании од Штип.

    „Како што повеќе македонски клубови имаат приватни спонзори, така треба да биде и за Брегалница. Со тоа ќе се растовари општинскиот буџет, од кој во изминатите години се издвојуваа по 250-500.000 евра годишно“, беше образложението на штипските советници.

    Тие од потенцијалните купувачи бараат програма како ќе се развива клубот, со цел од Втората да влезе во Првата лига и на идниот сопственик му оставаат можност за доминантно учество од 10 години, со основен услов да не се менува вековното име на Брегалница.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира