Европската Суперлига (ЕСЛ) објави дека ќе ги разгледа најсоодветните чекори за преобликување на проектот откако сите шест англиски клуба се повлекоа од натпреварувањето кое се закануваше да предизвика раскол во светот на фудбалот.
Манчестер сити прв се премисли, откако Челзи навести дека ја подготвува документацијата за повлекување. Нивниот пример набргу потоа го следеа и Арсенал, Ливерпул, Манчестер јунајтед и Тотенхем.
УЕФА, ФИФА, Европската асоцијација на клубови, навивачките здруженија, националните лиги и британската влада го осудија проектот и ветија дека со сите сили ќе се борат да не се оствари, при што беа најавени и жестоки санкции. Во Суперлигата би играле 20 клуба, а како основачи беа објавени и Милан, Интер, Јувентус, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико.
Арсенал им се извини на навивачите и призна дека направил грешка, додека Тотенхем изрази жалење за вознемиреноста што ја предизвикал предлогот. Манчестер јунајтед објави дека ги зел предвид реакциите на фановите и британската влада кога ја донесол одлуката за повлекување од проектот.
„И покрај најавеното повлекување на англиските клубови, кои го прават тоа откако се најдоа под силен притисок, ние сме убедени дека нашиот предлог е во целосна согласност со европските право и регулативи. Имајќи ги предвид новите околности, ќе ги разгледаме најсоодветните чекори за преобликување на проектот“, се вели во соопштението на ЕСЛ, зад која стои американската банка „ЈП Морган“.