Машката ракометна репрезентација освои нови од планираните два бода на Светското првенство во Германија и Данска, совладувајќи го азискиот вицешампион Бахреин со 28:23 (12:8), за да има максимален скор по првите две кола.
Со исклучок на еден десетминутен период во првото полувреме, ова беше уште еден натпревар на кој Македонија дојде до победата без нервози и неизвесности.
Доста комбинирајќи со составот во вторите 30 минути, селекторот Раул Гонсалес на среден бек му даде шанса и на Филип Чурлевски, кој со тоа дебитираше на светските првенства точно 20 години по својот татко Боро, легендата на македонскиот ракомет, кој почина во 2014 година.
Македонија со ова го заврши полесниот дел од Мундијалот, а вистинската борба за пласман во втората фаза допрва почнува. Утре од 18 часот, Кире Лазаров и друштвото се среќаваат со Хрватска, предводена од нивниот претходен селектор Лино Червар.