Првпат по 20 години, од Мундијалот во Египет, македонската ракометна репрезентација не успеа да ја помине првата фаза на едно големо натпреварување, откако загуби од Исланд со 22:24 (13:11) на решавачкиот натпревар на Светското првенство во Германија и Данска.
Поради послабата гол-разлика во однос на Исланд, на Македонија ѝ беше неопходна победа за да заврши на третото место во Б-групата и да го продолжи настапот меѓу најдобрите 12 светски селекции.
Место тоа, заедно со четвртопласираните репрезентации од останатите три групи, Македонија во Келн ќе разигрува за пласман од 13. до 16. место. Првиот дуел ќе го има в сабота, против Русија. Другите два учесника во оваа минигрупа се Чиле и Катар.