Лео Меси изјави дека едвај чека да му се врати на фудбалот откако имаше тешка разделба со Барселона, клубот во кој ги помина последните 21 година од животот. Тој синоќа потпиша двегодишен договор со Пари Сен-Жермен, вреден 35 милиони евра по сезона, плус бонуси, решавајќи ја својата фудбалска иднина само неколку дена откако му беше соопштено дека мора да си оди од Барселона, која поради преголемите долгови веќе не можеше да го задржи.
„Знаете дека заминувањето од Барселона беше тежок момент за мене, но од моментот кога пристигнав во Париз се чувствувам среќно и едвај чекам да почнам со тренинзи и со ова ново поглавје од мојот живот. ПСЖ беше брз во преговорите и сè помина лесно. Сè уште имам голема желба за играње и докажување. Клубот и јас имаме иста цел – освојување на сите можни трофеи и сигурен сум дека јас и моето семејство ќе уживаме овдека. Ќе играм со најдобрите играчи на светот“, кажа Меси на својата прва прес-конференција по доаѓањето во Париз.
Тој ќе го носи дресот со број 30, но не е сигурен кога ќе дебитира.
„Бев на одмор и прво ќе почнам со тренинзи. Ќе заиграм кога стручниот штаб ќе заклучи дека е време. Сè што ми се случи оваа недела беше тешко, брзо и емотивно, но нестрплив сум да видам каков ќе биде овој мој нов живот. Се надевам дека добро ќе се вклопам“.
Во Париз владее вистинско лудило откако беше потврдено доаѓањето на Меси и голем број фанови се собраа пред стадионот на ПСЖ за време на прес-конференцијата.
„Ова е неверојатен и историски ден за клубот, фудбалскиот свет и за сите нас. Сите го знаат Лео. Тој го прави фудбалот прекрасен и магичен и е победник. Кога го почнавме овој проект пред десет години, нè прашуваа што планираме со него. Многу сме горди каде се наоѓаме сега“, изјави претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи.