На штипската планинска трка „Струмина“ на 18 километри што се одржа денеска имаше рекорден број учесници во споредба со претходните години, вкупно 221, од кои над 40 отсто беа жени. Меѓу учесниците имаше и спортисти од странство и тоа од Холандија, Шпанија, Србија, Косово, Грција и речиси од сите македонски градови.
Во женска конкуренција, на целта прва стигна Ренс Елса Нијман од Холандија со време од 1:35.41 , а по неа второто и третото место го освоија Вера Радева и Сања Најдовски, и двете од Скопје. Во машка конкуренција, најуспешен беше Златко Карчески од Прилеп со време 1:26:39 , второто место го освои Никола Илиевски од Скопје кој заостануваше за неполни две минути и на трето се пласира Кевин Строек од Холандија со време 1:31:25.
„Задоволен сум од големата масовност каква што досега не сме имале. Патеката е ридска и се трча по околните ридови околу Штип, како што се највисокиот Клисибаир од каде се пружа прекрасна панорама на градот, месноста Струмина чешма по која е крстена оваа веќе традиционална треил трка како ‘Струмина’. Патеката не е многу тешка туку е погодна и за почетници па целта ни е да има што повеќе учесници. и нивниот број од година во година се зголемува и добива меѓународен карактер“, вели организаторот и творецот на оваа штипска патека, еден од најдобрите македонски ултрамаратонци, Жикица Ивановски, кој оваа патека секојдневно ја користи за тренинг и во еден ден ја поминува по неколку пати.
Т. ЈОВАНОВСКИ