Рекордни 13.440 тркачи од 55 земји од целиот свет се пријавени за учество на 20. издание на Виз ер Скопски маратон, што ќе се одржи на 6 октомври. Покрај маратонската трка, и оваа година ќе се трчаат полумаратонот (21,097 км), штафетниот маратон и трката за рекреативци на пет километри, која вообичаено е најмасовна.
„Оваа година имаме рекорден број учесници – 13.440 од 55 земји, со што е надминат бројот од 2019, кога беа 12.450. Ова е многу поголем број од лани, кога трчаа 11.400 учесници и нѐ радува што интересот е огромен, како кај нашите тркачи, така и кај странските. Можам да најавам дека ќе учествуваат неколкумина елитни натпреварувачи од Кенија и се надевам дека ќе бидат срушени рекордите на патеките“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски маратон.
Тој најави дека има мали измени на патеките во однос на минатите години, но стартот останува пред Собранието, а финишот на плоштад Македонија.
„По 20. пат се одржува Виз еЕр Скопскиот маратон, најмасовниот спортски настан кај нас, кој Скопје и Македонија ги става на светската тркачка мапа. Оваа година има рекорден број учесници“, изјави Зоран Стојановиќ, претседател на Сојузот на спортови на Скопје.
Главен покровител на маратонот е Министерството за спорт, заедно со Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.