Роберт Кубица ќе направи неверојатен камбек во Формула 1 следната сезона, осум години откако речиси загина во несреќа на рели трка. Триесет и тригодишниот Полјак беше потврден за нов возач на тимот на Вилијамс и ќе му биде партнер на дебитантот Џорџ Расел, заокружувајќи една неверојатна приказна на упорност и посветеност.
Кубица требаше да ја почне својата втора сезона во Рено во 2011 година, кога тешко настрада на рели трка во северна Италија, при што претрпи повеќекратни преломи и повреди на десната страна од телото и за малку не му беше отсечена раката.
Едно време беше во животна опасност и потоа почна долг процес на рехабилитација, со цел да се врати на тркачките патеки. Неколку години, неговата десна рака не беше доволно подвижна за да може да вози болиди со едно седиште, па три сезони се натпреваруваше во Светското првенство во рели.
„Поминав долг пат за да стигнам до оваа точка. Минав низ многу предизвици пред да се вратам на Ф-1 патеките, но она што се чинеше невозможно, сега се остварува. Враќањето на Ф-1 патеките е едно од најголемите постигнувања во мојот живот“, изјави Кубица.
Тој повторно почна да тестира Формула 1 болид минатата година и Вилијамс сакаше да му даде шанса уште оваа сезона.