Барселона го назначи Роналд Куман за нов тренер, два дена откако го отпушти Кике Сетиен по понижувачкиот пораз од Баерн во Лигата на шампионите.
Педесет и седумгодишната холандска легенда потпиша двегодишен договор, враќајќи се во клубот по точно две децении. Тој притоа ќе се повлече од функцијата селектор на холандската репрезентација.
Куман играше за Барселона од 1989 до 1995 година и се прослави со победничкиот гол во финалето на Купот на европските шампиони во 1992, со кој ѝ ја донесе првата европска титула. Тој ги имаше тренерските почетоци токму на „Камп ноу“, работејќи како асистент од 1998 до 2000. Меѓу клубовите што ги водеше како тренер се Ајакс, Бенфика, ПСВ, Валенсија, Саутемптон и Евертон.