САКАМ СЕДУМ ДЕЦА И СЕДУМ ЗЛАТНИ ТОПКИ, КАЖА РОНАЛДО ОТКАКО ПО ПЕТТИ ПАТ СТАНА ФУДБАЛЕР НА ГОДИНАТА

    САКАМ СЕДУМ ДЕЦА И СЕДУМ ЗЛАТНИ ТОПКИ, КАЖА РОНАЛДО ОТКАКО ПО ПЕТТИ ПАТ СТАНА ФУДБАЛЕР НА ГОДИНАТАПризнанието го прими на Ајфелова кула. - Кристијано Роналдо (Фото: ЕПА)

    Кристијано Роналдо по петти пат во кариерата беше избран за фудбалер на годината и магазинот „Франс фудбал“ му ја врачи „Златната топка“ на церемонијата на Ајфеловата кула во Париз.

    На тој начин, Португалецот се израмни со Лео Меси во бројот на освоени признанија, што му припадна откако го предводеше Реал Мадрид до титулите во Лигата на шампионите и во шпанското првенство.

    Токму Меси заврши на второто место во изборот, а трет е Бразилецот Нејмар.

    „Среќен сум, ова е фантастичен момент во мојата кариера. Оваа година беше неверојатна. Ги освоивме Лигата на шампионите и Ла Лига, а јас бев најдобар стрелец во Лигата на шампионите. Сите овие трофеи ми помогнаа да дојдам до ова признание и затоа мора да им кажам благодарам на моите соиграчи од Реал Мадрид и од португалската репрезентација. Би сакал да ја завршам кариерата во Реал Мадрид и на крајот да имам седум деца и седум златни топки“, кажа Роналдо, додавајќи дека сака и во наредните сезони да продолжи битката со Лео Меси.

    Роналдо претходно ја освојуваше Златната топка во 2008, 2013, 2014 и 2016 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира