Мохамед Салах објави дека ќе го напушти Ливерпул на крајот на сезоната, една година пред истекот на договорот. Триесет и тригодишниот Египќанец го објави ова преку видеопорака на социјалните мрежи.
„За жал, тој ден дојде. Ова е првиот дел од моето збогување. Ќе го напуштам Ливерпул по завршувањето на сезоната“, кажа Салах.
Тој дојде од Рома во 2017 и во меѓувреме стана еден од најдобрите играчи во историјата на клубот и на Премиерлигата.
„Никогаш не замислував колку длабоко овој клуб, овој град, овие луѓе ќе станат дел од мојот живот. Ливерпул не е само фудбалски клуб. Тоа е страст. Тоа е историја. Тоа е дух. Ги освоивме најважните трофеи и се боревме заедно во најтешкиот период од нашите животи“, вели Салах.
Тој освои две титули во Премиерлигата и една во Лигата на шампионите и собори низа рекорди на Ливерпул. Салах не откри каде би можел да ја продолжи кариерата, но претходно се поврзуваше со скап трансфер во Саудиска Арабија.



