За разлика од Битола, која со фудбалскиот клуб Пелистер доби прволигашки фудбалски статус и нов стадион, Штип е во обратна ситуација. Добива стадион по сите европски стандарди, а ФК Брегалница кој е со над 100-годишна традиција уште на две кола до крајот на првенството ја напушта Првата и се сели во Втората македонска фудбалска лига.
Денеска во Скопје, во рамките на претпоследното коло од првенството во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) се среќаваат екипите на Ѓорче Петров и Брегалница. Без разлика на резултатот и двете екипи се последни на табелата и испаѓаат. На Брегалница ова ѝ е четврто испаѓање од ПМФЛ во самостојна Македонија. Последното влегување во Првата лига беше во 2021.
„Тоа е фудбалот, Брегалница ја доживува судбината што ја имаа и други големи клубови во Македонија, како што се Силекс и Вардар, кои имаа вакви неколкугодишни падови и испаѓаа од Првата лига“, рече тренерот Трајче Сенев, кој во Брегалница дојде пред три кола кога веќе се знаеше дека дека штипските сини сигурно испаѓаат.
И како второлигаш, ФК Брегалница натпреварите ќе ги игра на Градскиот стадион кој се реновира веќе десетина година. Заедничкиот проект е со спонзорство на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и со сопствено учество на Општината. Штип ќе добие современ градски стадион кој, според проектот, треба да биде фудбалски центар кој ќе одговара на европските стандарди за меѓународни натпревари.
Проектот кој е поддржан од УЕФА, предвидува ФФМ да спонзорира само за едната трибина, а другата трибина да биде инвестиција на Општината. Пред неколку години со исто кооучество беа поставени рефлектори, а се реновираше и теренот за натпревари.
Главната северна трибина која е со капацитет од 2.000 гледачи ќе биде целосно покриена, но сега фактичката состојба е дека трибината е покриена само делумно.
Општина Штип, која е покровител на стадионот и на фудбалскиот клуб Брегалница, чека да завршат работите што ги предвидува ФФМ, а потоа планира да ја гради трибината од спротивната страна. Локалната самоуправа за тоа ќе има повеќе финансиски можности затоа што издвојувањата од буџетот за ФК Брегалница значително ќе се намалат оти Втората лига е со помали трошоци.
„Штета е што ФК Брегалница испаѓа од ПМФЛ, а е со долга, над 100-годишна традиција. Со 49 проценти клубот и стадионот се на градот и месечно од буџетот се издвојуваат по 180 илјади евра. Второлигашкиот ранг што ФК Брегалница ќе го има од оваа есен значи дека трошоците ќе бидат многу помали. Но, спортскиот денар нема да се намали, затоа што дел ќе биде пренаменет во други спортови кои се во Првата лига. Пред сè, тоа го заслужуваат одбојкарите на Штип кои годинава станаа вицешампиони во првенството и победници во одбојкарскиот куп на Македонија“, вели градоначалникот на Штип Иван Јорданов, додавајќи дека Штип мора да има прволигаши затоа што годинава од Европските спортски асоцијации беше прогласен за Европски град на спортот.
ФФМ вакви проекти реализира и на градските стадиони во Охрид, Прилеп, Битола, Тетово и во Скопје.
Т. ЈОВАНОВСКИ