Сергеј Самсоненко објави дека по завршувањето на сезоната веќе нема да го спонзорира ракометниот клуб Вардар, со што целосно завршува неговиот ангажман во македонскиот ракомет.
Во соопштението објавено на сајтот на клубот, рускиот бизнисмен изјави дека се повлекува бидејќи не му биле исполнети ветувањата дека ќе добие финансиска поддршка.
„Од седумте години поминати во македонскиот ракомет, изминува веќе трета година како јас лично, од ден за ден, се борам да го издржувам клубот, со постојано задолжување и земање кредити. Покрај ова, зад мене има и повеќе од 5.000 вработени во моите компании кои ги издржувам сосе нивните семејства, а кои не сакам да ги загрозувам. Приходот кој изминативе години ракометниот клуб го има добиено од Европската ракометна федерација и од спонзори не е ни 10% од буџетот кој јас го давам годишно. Ова е причината поради која јас од следната сезона нема да бидам во можност да продолжам со финансирањето на ракометниот клуб Вардар“, вели Самсоненко.
Тој дискретно влезе во македонскиот ракомет во 2012 година, прво преку женската екипа на Вардар, по што го презеде и машкиот тим, а потоа и ФК Вардар. Сите овие години двете екипи на Вардар беа неприкосновени на домашната ракометна сцена, но женскиот тим не ги исполни највисоките очекувања да ја освои европската титула од четири обиди. Од друга страна, вардарци приредија огромно изненадување кога во 2016 година ја освоија Лигата на шампионите и оваа сезона се на добар пат уште еднаш да играат на завршниот турнир во Келн.
Г. КОНЕВ