Додека Министерството за образование сè уште размислува како да почне учебната година, Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) ги закажа државните првенства за шах во младински категории на крајот на месецов.
Како и секоја година, ШФМ првенствата ги одржува во хотел на охридската ривиера, а поради пандемијата на коронавирус подготвен е протокол кој предвидува заштитни мерки, но само за салата во која што ќе се игра. Протоколот на ШФМ е одобрен од Комисијата за заразни болести, но во тој протокол никаде не се споменува сместување во хотел на децата-шахисти, поради што се загрижени дел од родителите.
Во расписот објавен за пријавување, се открива дека првенствата ќе се играат во хотел, каде што на учесниците им се нуди сместување во двокреветни и трикреветни соби, а за еднокреветна ќе мора да доплатат 30%. Исто така, од родителите се бара да потпишат изјава дека нивното дете е здраво и дека како родители се свесни дека за време на шаховскиот турнир има ризик од трансмисија на коронавирусот, при што самите родители ги носат одговорноста и последиците од истиот.
„Јас како родител загрижен за безбедноста на децата предложив турнирите да се поделат, и онака има шест старосни категории. Официјален одговор никогаш не добив, напротив во неврзани муабети ми беше објаснувано дека нема доволно судии, или дека е поскапо. Сето тоа испаѓа дека е порелевантно од напорите за поголема безбедност. Наместо да направат чекор да ја подобрат безбедноста, сервирана ни е изјава за преземање на одговорноста на самите нас, и истата мора секој родител да ја потпише според Точка 14 од расписот, доколку сака неговото дете да биде примено на турнирот. Јас навистина не знам дали е тоа правно издржано, но мислам дека додека министерот Филипче се залага за највисока можна безбедност и треба да реагира по службена должност заради општата безбедност“, вели еден од родителите на децата шахисти, Александар Табаковски.
Државните првенства во младински категории се закажани за 25-29 август во Охрид.
М. ИЛИОСКИ