Вечерашниот фудбалски натпревар меѓу Македонија и Шпанија во квалификациите за Светското првенство во Русија следната година им служи на ФФМ, УЕФА и МВР како генерална проба за Суперкупот на УЕФА, закажан за 8 август во Скопје.
Шпанија е идеален тим за пробата, бидејќи дури седуммина од репрезентативците на „фуријата“ би требало да се вратат во Скопје на почетокот на следниот месец за Суперкупот на УЕФА, затоа што играат за учесниците Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Станува збор за Давид де Хеа од Јунајтед и Давид Карвахал, Начо, Серхио Рамос, Марко Асенсио, Иско и Алваро Мората од Реал Мадрид.
Фудбалската федерација на Македонија и Министерството за внатрешни работи преземаат вонредни безбедносни мерки при организација на мечот со поранешниот светски и европски шампион, а претставниците на УЕФА, Жељко Павлица и Франк Вијнвелд, вчера имаа работна средба со министерот Оливер Спасовски во врска со организацијата на Суперкупот на УЕФА, а двајцата вечерва ќе бидат и на „Филип Втори“ за да го проследат квалификацискиот дуел.
МВР воведе посебен режим за движење на возила и пешаци за по 15 часот и ниту пешаците нема да можат да се приближат кон стадионот во Градскиот парк денеска попладне во Скопје, освен ако не одат на фудбалскиот натпревар Македонија-Шпанија, кој е со почеток од 20.45 часот. Ограничувањето ќе важи за сите улици што водат кон Арената Филип Втори како и по сервисните улици во Градски парк околу фудбалскиот стадион.
„Ограничувањето нема да важи само за возила кои имаат акредитација за движење по горенаведените сообраќајници за влез кон фудбалскиот објект, а во однос на пешаците ограничувањето нема да важи само за лица кои поседуваат карти за гледање фудбалскиот натпревар“, се вели во соопштението на МВР.
ФФМ соопшти дека денеска ќе се огради стадионот со безбедносен периметар и ќе биде обележена рутата на движење и дека гледачите и нивните торби ќе бидат прегледувани од страна на редарската служба.
„Ќе бидат истакнати табли со предмети кои се забранети да се носат на стадион. Забрането е носење на огномет, бакљи, пијалоци, оружје, ласери, апарати кои емитираат силни звуци како што се мегафони, вувузели и сл., понатаму големи предмети (куфери, шлемови и сл.) или било кои други предмети кои се на списокот на забранети предмети и кои можат да го нарушат јавниот ред“, соопшти ФФМ.
Во врска со Суперкупот, информациите за продажба на карти, УЕФА ќе ги соопшти задутре (13 јуни). Продажбата на карти ќе оди единствено преку официјалниот веб сајт на УЕФА за продажба на карти, т.е. карти ќе може да се купат само онлајн.
Според најавите, победникот во Лигата на шампиони Реал Мадрид ќе биде сместен во хотелот „Александар Палас”, а освојувачот на Лига Европа Манчестер јунајтед во хотелот „Мериот”, каде што сега престојуваат шпанските репрезентативци.