ШТИП ПРОГЛАСЕН ЗА ЕВРОПСКИ ГРАД НА СПОРТОТ ЗА 2024

    ШТИП ПРОГЛАСЕН ЗА ЕВРОПСКИ ГРАД НА СПОРТОТ ЗА 2024Штипската делегација го прими признанието во Брисел (Фото: СДК.МК)

    Штип и официјално е прогласен за Европски град на спортот за 2024 година. Титулата му беше доделена на посебна церемонија во Европскиот парламент во конкуренција на градови меѓу 25.000 и 500.000 жители.

    На предлог на Организациониот одбор на Европската асоцијација на градови на спортот, која минатиот месец ги скенираше спортските услови и развојот на спортот во повеќе европски градови кои аплицирале за оваа титула, беше одлучено таа да ја добие и Штип, покрај неколку други градови.

    Во Брисел го примивме високото признание Европски град на спортот за 2024 година, што претставува одлична можност за уште поголем развој на спортот, спортските клубови и на спортската инфраструктура во нашиот град. Признанието е обврска и поттик да ги зголемиме активностите за унапредување на спортот и за неговата популаризација во секоја населба во градот“, рече градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, по примањето на признанието.

    Тој од Брисел најави дека во првата половина на 2024 ќе започне изградбата на спортскиот центар „Џексон“ со капацитет до 1.000 посетители, а во план се и доизградба и целосна реконструкција на Градскиот стадион со две модерни трибини и атлетска патека, изградба на сала за училиштен спорт во приградските населби Три Чешми и Караорман, доизградба на затворениот базен и изградба на сала за боречки спортови.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира