ШТИПСКАТА ОДБОЈКА ГО СЛАВИ ПРВИОТ ТРОФЕЈ ВО ИСТОРИЈАТА ОТКАКО ШТИП УГД ГО ОСВОИ КУПОТ

    ШТИПСКАТА ОДБОЈКА ГО СЛАВИ ПРВИОТ ТРОФЕЈ ВО ИСТОРИЈАТА ОТКАКО ШТИП УГД ГО ОСВОИ КУПОТОдбојкарите на Штип УГД во своето второ финале го освоија Купот на Македонија, победувајќи ја Струмица (Фото: СДК.МК)

    Штип, кој има долга одбојкарска традиција, дури годинава ги доживеа ѕвездените мигови и за првпат во својата историја освои трофеј. Пехарот на одбојкарскиот Куп на Македонија му припадна на Штип УГД, кој во драматична игра во пет сета успеа во финалето играно во Штип да го совлада повеќекратниот шампион на Македонија, ОК Струмица.

    Домашната публика, тренерот на Штип УГД, Кристијан Ристовски, неговиот помошник Љупче Зенделов и претседателот на клубот Ване Сенев беа пресреќни кога го кренаа толку посакуваниот пехар. Во еден глас рекоа дека на градот под Исарот му ја носат најголемата титула во долгата одбојкарска традиција.

    Ова е наше второ финале во Купот, но првпат го освојуваме. Со тоа сѐ е кажано, честитки заслужуваат сите во клубот, посебно одбојкарите, кои гинеа на теренот, а имаа и огромна поддршка од публиката“, рече Сенев.

    Куп победниците добија голема поддршка и од поранешните штипски одбојкари, од клубот Младост, кој пред повеќе децении го имаше главниот збор во одбојката во Македонија, но никогаш не постигна еден ваков успех.

    Пред 40 години игравме две финалиња, но не успеавме да го освоиме Купот на Македонија. Несреќно загубивме од Вардар и Работнички. Затоа годинашнава титула во Купот за Штип има златен сјај. Игравме големи мечеви во тогашната Втора лига на Југославија, па дури и во квалификациите за А лига. Не успеавме, ама оставивме здрави темели за нова штипска одбојка“, вели ветеранот Александар Зенделов, стандарден член на тогашниот ОК Младост.

    Во финалето на Купот, судиска кариера заврши Никола Мицевски од Штип, кој за повеќе од 30 години судел на речиси 200 меѓународни натпревари.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира