Штипските ултрамаратонци Жикица Ивановски и Дарко Роглев го поминуваат времето додека трае коронакризата со трчање во природа и притоа се досетиле викендов што измина да направат еден несекојдневен подвиг. Ивановски и Роглев 17 пати во еден ден го искачиле и спуштиле највисокиот рид над Штип од јужната страна, Клисибаир.
Тие на денот на летната долгоденица 21 јуни, трчале од изгрејсонце до зајдисонце, од 4:30 до 20:45 часот, односно речиси 15 и пол часа. Ивановски вели дека е многу благодараен што неговиот поискусен колега ултрамаратонец Трајче Панковски од Скопје дошол и симболично со две искачување до врвот и назад им дал поддршка во нивниот потфат.
Почнале да трчаат од природната чешма Ашајтеке во центарот на Штип, во чија близина се и нивните домови и патеката до врвот на Клисибаир и назад ја поминале 17 пати. Притоа трчале по тешка ридска патека со доста стрмнини и нагорнини, со вкупна должина од 4.400 метри во двете насоки. На тој начин, дента истрчале вкупно 75 километри.
За Ивановски, Роглев и Панковски оваа патека е една од полесните и пократки. Тие се присетуваат на неколкуте учества на ултрамаратонот на Мон Блан, првпат во 2012, а во 2014 Жикица го постигна неговото најдобро време кога за 31 час и 39 минути истрча 168 километри планински терен. Таа година, тие трчаа заедно со сегашната сопруга на Жикица, Светлана Стојаноска-Ивановска, првата македонска ултрамаратонка која истрча 168 км на Мон Блан, и Јовица Јованчев. На трката на Фрушка Гора, во конкуренција на 18.000 учесници од цел свет, Жикица го има освоено еднаш второто и еднаш третото место.
На Ивановски и Роглев, Клисибаир им доаѓа како секојдневен тренинг за тешките маратони во светот.
„Иако трчаме кон ридот, за мене оваа патека е обична прошетка. Сум ја истрчал илјадници пати. Со сопругата двапати сме ја поминале и со нашата ќерка Марта. Првиот пат трчавме со неа во ранец кога имаше само една година“, вели дипломираниот економист Жикица Ивановски.
Т. ЈОВАНОВСКИ