СВЕТСКИОТ ПРВАК МАГНУС КАРЛСЕН СО НОРВЕШКИ ТИМ ВО СТРУГА СЕ БОРИ ЗА ТИТУЛАТА НА ШАХОВСКАТА ЛИГА НА ШАМПИОНИ

    СВЕТСКИОТ ПРВАК МАГНУС КАРЛСЕН СО НОРВЕШКИ ТИМ ВО СТРУГА СЕ БОРИ ЗА ТИТУЛАТА НА ШАХОВСКАТА ЛИГА НА ШАМПИОНИКарлсен е светски шампион веќе осум години во низа (Фото: Ѓ. Личовски)

    Светската шаховска суперѕвезда Магнус Карлсен со победа го започна својот настан на Европскиот клупски куп во Струга, каде што ги брани боите на норвешкиот тим Оферспил. Триесетгодишниот Карлсен, кој ги пропушти првите две кола од турнирот откако дури вчера пристигна во Струга, придонесе за вкупната победа на својот тим над холандскиот претставник Цуид-Лимбург од 5,5-0,5.

    Важејќи за чудо од дете, Карлсен стана велемајстор со 13 години и 148 дена, со што е третиот најмлад шахист во историјата кој стигнал до највисоката титула. На врвот на светската ранг-листа првпат се искачи на 20-годишна возраст, во јануари 2010 и таму се наоѓа непрекинато од јули 2011. Само Гари Каспаров има поминато повеќе месеци од него како светски шахист број еден.

    Карлсен е светски шампион веќе осум години во низа. Првпат ја освои титулата со победата над Висванатан Ананд во 2013 и потоа ја одбрани уште трипати. Неговиот рејтинг од 2.882 поени, остварен во 2014/15 година, е највисок во историјата, а моментално изнесува 2.855.

    На Европскиот клупски куп настапуваат 37 екипи во машка и десет во женска конкуренција. Македонија има четири машки (Алкалоид, Гамбит Асеко, Прилеп и Гостивар) и исто толку женски екипи (Алкалоид, Прилеп, МСК Центар и Куманово).

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира