Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација Хулен Лопетеги со неговите помошници утринава бил да ја провери состојбата на тревникот на стадионот „Филип Втори“, но потоа се обиде да не придава многу важност на теренот пред утрешниот квалификациски дуел за СП 2018 со Македонија.
„Бевме да го видиме, теренот е таков каков што е и не можеме премногу да мислиме на тоа. Најважно е како ќе одиграме на теренот и затоа треба да се сконцентрираме на работите што зависат од нас. Тука сме да освоиме три бода кои се подеднакво важни како на секој друг натпревар“, изјави Лопетеги на прес-конференцијата вечерва.
По пресот, шпанската репрезентација одржа тренинг на „Филип Втори“.
Претходно, македонскиот селектор Игор Ангеловски најави дека нема да отстапи од неговата стратегија да игра офанзивен фудбал.
„Играме против една од четирите најдобри репрезентации во светот. Нема потреба за дополнителна мотивација. Подготвени сме да одговориме на предизвикот и нема да остапиме од стратегијата да играме офанзивно“, кажа Ангеловски.
Утрешниот натпревар е со почеток од 20.45 часот.