ТРГНАА ВЧЕРА, ЌЕ СТИГНАТ УТРЕ – ПЕТМИНА МАКЕДОНЦИ ТРЧААТ УЛТРАМАРАТОН ОД 171 КИЛОМЕТАР НА МОН БЛАН

    ТРГНАА ВЧЕРА, ЌЕ СТИГНАТ УТРЕ – ПЕТМИНА МАКЕДОНЦИ ТРЧААТ УЛТРАМАРАТОН ОД 171 КИЛОМЕТАР НА МОН БЛАННа располагање имаат 46,5 часа да ја завршат трката, која минува низ три држави. - Македонскиот тим за УТМБ 2018 (Фото: Фејсбук)

    Тргнаа вчера, а на целта треба да стигнат утре.

    Петмина македонски тркачи ќе се обидат да го совладаат 171 километри долгиот ултрамаратон УТМБ, што традиционално се одржува на Мон Блан и нивниот голем противник е и времето, бидејќи е ограничено.

    Македонија оваа година ја претставува избран тим од екипата на Трекс: Игор Пирковски, Никола Цицоски, Жикица Ивановски, Игор Јовановски и Александар Симјановски и тие на располагање имаат 46,5 часа за да ја завршат трката.

    Стартот на трката, за која се пријавени околу 2.500 учесници, беше вчера, во 18 часот.

    УТМБ е трка на издржливост со која се обиколува целиот масив Мон Блан, при што се поминува низ три држави, од Шамони во Франција, преку Кормаер во Италија и Шампе Лак во Швајцарија, па назад во Франција. За да не биде ова обично трчање, тоа е усложнето со 10.000 метри висинско искачување и спуштање.

    Апсолутниот рекорд е во сопственост на Французинот Франсоа Деан од 20:11:44 часови.

    Жикица Ивановски го држи македонскиот рекорд на оваа трка, во 2014, со време од 31 час и 46 минути, а неговата сопруга Светлана Стојаноска истата година беше првата Македонка што го заврши УТМБ, за 44,59 часа, додека Јовица Јованчев ја заврши за 32,46 часа.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира