УТРЕ ВО СКОПЈЕ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБА ЗА ИТАЛИЈАНСКАТА ФУДБАЛСКА ЛЕГЕНДА ПАОЛО РОСИ, ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВИДИ И ДРЕСОТ НА МЕСИ ОД ФИНАЛЕТО ВО КАТАР

    УТРЕ ВО СКОПЈЕ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБА ЗА ИТАЛИЈАНСКАТА ФУДБАЛСКА ЛЕГЕНДА ПАОЛО РОСИ, ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВИДИ И ДРЕСОТ НА МЕСИ ОД ФИНАЛЕТО ВО КАТАРПаоло Роси со шампионскиот пехар од Светското првенство во Шпанија 1982 година. (Фото: ФИФА)

    Изложбата „Паоло Роси – златното момче и легендите на фудбалот“ утре доаѓа во Скопје, во мултимедијалниот центар Мала станица, откако претходно беше поставена во Рим, Милано, Фиренца, Торино, Тренто, Римини, Болоња, Белград, Венеција, Цирих и Тирана. Изложбата е посветена на животот и кариерата на италијанската фудбалска легенда Паоло Роси, но и ќе има и предмети од други легенди на меѓународниот фудбал.

    Изложбата ќе биде отворена за јавноста од 8 до 21 април, а влезот е бесплатен. Главен спонзор е компанијата „Трим и Лум“, а е во организација на Италијанската амбасада во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и ФФМ.

    Утре, на сечењето лента на отворање на изложбата ќе присуствуваат сопругата на Паоло Роси и претседателка на Федерацијата на италијанскиот женски фудбал Федерика Капалети, италијанската фудбалска легенда Салваторе Скилачи и долгогодишниот спортски новинар Атанас Костовски.

    Изложбата има за цел да создаде патување од почетокот на кариерата на Паоло Роси, па сè до целото наследство што му го остава на светскиот фудбал, преку 500 уникатни предмети изложени на панели, штампи, банери, монитори, табли, вклучувајќи ги и најважните негови трофеи изложени во витрини: Златната топка од 1982, Златната копачка за најдобар стрелец од мундијалот во Шпанија 1982, Златната топка за најдобар играч на мундијалот во Шпанија 1982, неговиот дрес од финалето на мундијалот во Шпанија 1982, како и копачките со кои го постигна хет-трикот на натпреварот против Бразил.

    Паоло Роси, кој почина во 2020 година, е еден од најдобрите италијански и светски напаѓачи на сите времиња. Во кариерата настапуваше за Јувентус и Милан, со кои освои многу трофеи, а со италијанската репрезентација стана светски шампион во 1982 година.

    На изложбата ќе може да се види и проект за виртуелна реалност кој на посетителите ќе им овозможи повторно да ги доживеат трите гола на Роси постигнати против Бразил, седејќи на трибините на стариот стадион „Сариа“ во Барселона.

    Во изложбениот простор, ќе може да се види и дресот што го носеше Лионел Меси во финалето на Светското првенство во Катар 2022 помеѓу Аргентина и Франција, и една од официјалните топки од овој натпревар, како и простор посветен на легендите од историјата на меѓународниот фудбал.

    Благодарение на Музејот на ФИФА и некои од најважните колекционери во светот, ќе бидат изложени и низа уникатни предмети како што се: дресови, копачки, тренерки, топки, фотографии, документи, трофеи и медали кои им припаѓаат на најголемите легенди на светскиот фудбал, вклучувајќи ги и дресовите на сите 47 добитници на Златната топка од 1956 година до денес.

    При посетата на изложбата ќе може да се видат предмети кои им припаѓале на: Марадона, Пеле, Алфредо ди Стефано, Герд Милер, Џузепе Меаца, Сандро Мацола, Боби Чарлтон, Џорџ Бест, Фалкао, Лев Јашин, Ференц Пушкаш, Франц Бекенбауер, Јохан Кројф, Еузебио, Дино Ѕоф, Христо Стоичков, Лотар Матеус, Мишел Платини, Роберто Баџо, Франко Барези, Марко Ван Бастен, Роналдо, Зинедин Зидан, Луис Фиго, Лионел Меси, Нејмар, Кристијано Роналдо, Златан Ибрахимовиќ, Џанлуиџи Буфон, Франческо Тоти, Андреа Пирло, Килијан Мбапе, Ерлинг Халанд, Лука Модриќ и многу други.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира