Македонскиот фудбал за првпат ќе има претставник во групната фаза од едно европско клупско натпреварување, откако Вардар ја искористи својата историска шанса во Истанбул.
Македонскиот шампион славеше со 2:1 на реваншот од плеј-офот со турскиот гигант Фенербахче и со тоа се пласираше меѓу најдобрите 32 екипи во Лига Европа, што автоматски му носи и премија од 2,6 милиони евра.
Откако од Скопје донесе голема предност од 2:0, Вардар одлично се држеше во првото полувреме во Истанбул, при што Барсегјан можеше да ги реши сите дилеми во 42. минута, но погоди дирек.
Офанзивата на Фенербахче вроди со плод во 61. минута, кога Роман Нојштатер му донесе водство, но само седум минути подоцна, Џаба Џигаури го израмни резултат. За целосен потоп на Фенербахче се погрижи Никола Глигоров во 91. минута.
Вардар ќе ги добие своите следни противници на ждрепката, што ќе се одржи утре во Монако, со почеток во 13 часот.