Владата денеска донесе одлука да ги награди младите македонски кошаркари со три милиони денари (49.000 евра) за освоеното прво место на неодамнешното Европско првенство во Скопје.
„Оваа златна генерација донесе осум победи за Македонија. Горди сме на нивниот успех, со срце и енергија за Македонија и нејзината спортска промоција“, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Македонската кошарка во неделата го освои првиот златен медал откако младинската репрезентација триумфираше на ЕП од Б-дивизијата, совладувајќи ја Австрија во финалето со 98:88. Покрај титулата, кошаркарите за награда добија и пласман во елитната А-дивизија и настап на следното Европско првенство во Србија.