Пливачкиот тренер Јане Карајованов реагираше на денешните изјави на некогашната олимписка пливачка, а сега професорка Наташа Мешковска, која збореше против прифаќањето вајлд-карти по секоја цена и кажа дека младите македонски пливачи се жртви на алчноста на тренерите, осврнувајќи се на настапот на 16-годишниот Никола Ѓуретановиќ на ОИ во Париз, каде што заврши на последното место на 400 метри слободно. Пред три години во Токио во истата дисциплина пливаше Филип Деркоски, чиј тренер беше Карајованов.
„За каква алчност зборува Мешковска? Јас не бев на Олимписките игри во Токио, туку се ангажирав и инсистирав да оди само Филип Деркоски. Мојата ‘шема‘ за која Мешковска тврди дека сум ја разбработил да одам на Олимпијада е секојдневно одење на базен, наутро и навечер, одење по натпревари и делење на времето поминато со моето семејство. Јас како тренер на Филип Деркоски не бев со него на Олимписките игри во Токио и се борев Филип да оди во Токио поради неправди кои ги изнесуваше и измислуваше тогашниот претседател на Пливачката федерација, Александар Маленко, кој сакаше да испрати послаб пливач на Олимпијадата. Моја единствена цел беше само Филип да оди, без јас да се ставам во целата таа приказна. За ова можат да посведочат и тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и претседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски, каде што јасно кажав Филип да оди, а јас не сум важен“, вели Карајованов, пливачки маратонец со повеќе од 20 години кариера, кој сега е тренер во клубот „Орион“.
Тој смета дека Македонија треба да праќа пливачи на ОИ со вајлд-карта зашто за да се обезбеди норма, требаат пари.
„Норма значи пари, а ние тие пари ги немаме. Во Париз поголем беше бројот на пливачи со вајлд-карта отколку со норма. Јас сум да се праќаат пливачи со вајлд-карта на ОИ зашто децата се мачат четири години и секојдневно тренираат. Покрај Македонија, во Париз со вајлд-карти беа и држави чии пливачи се во самиот врв, а некои и се борат за медали, како Шведска, Австрија и Нов Зеланд“, кажа Карајованов.
Тој вели дека Мешковска како професор треба да биде најпогодена што не создала пливач со норма.
„Проблемот е што нема пари во спортот и живуркаме. Филип не се откажа од пливањето поради слаб резултат, туку поради негрижата на државата за него после Токио, тој требаше сам да плаќа за влез на базен. Во еден пливач треба да се вложува неколку олимписки циклуси“, кажа Карајованов.
Тој тврди дека во Македонија има доволно стручни тренери и талентирани пливачи.
„Тоа дека во Македонија нема тренери е лага. Странски тренери, како што вика Мешковска, се потребни и јас сакам да дојдат и да бидат наши ментори, учители и демонстратори, зашто сакаме да учиме и да се надоградуваме. Филип Деркоски и Миа Блажевска Еминова беа во Токио работејќи со македонски тренери во овие наши услови. Во исто време имавме пливачи кои беа во Русија на специјални кампови, работеа со тренери од странство, но сепак ние тука успеавме да бидеме најдобри. Јавно ја повикувам Мешковска да земе пливачи и да работи со нив, па и посакувам норма за Бризбејн 2032“, додава Карајованов.
Г. КОНЕВ