Здравко Мамиќ, еден од најмоќните и најконтроверзни луѓе во хрватскиот фудбал, е осуден на шест и пол години затвор за извлекување 117 милиони куни (16 милиони евра) од Динамо Загреб, со што ја оштетил државата за речиси два милиони евра.
Покрај Мамиќ, судот во Осиек им додели високи казни и на тројца други сегашни и поранешни функционери на хрватскиот фудбалски шампион. Братот на Здравко Мамиќ, Зоран, доби четири години и 11 месеци затвор, Давор Врбановиќ – три години, а Милан Пернар – четири години и два месеца.
Дел од овие пари се однесуваат на трансферите на хрватските репрезентативци Лука Модриќ и Дејан Ловрен, кои сведочеа на судењето, но дадоа контроверзни изјави во полза на Мамиќ.
Ден пред изрекувањето на пресудата, Здравко Мамиќ ја напушти Хрватска и избега во Херцеговина. И останатите тројца не се појавија во судот денеска.