Родителите на 11-годишна Англичанка бараат одговори откако таа се заразила со бактеријата ешерихија коли од сендвич од локален супермаркет, по што завршила на дијализа. Девојчето од Ливерпул поминало во болница три недели со синдром кој ги напаѓа бубрезите откако јадело сендвич подготвен од самиот супермаркет, објави адвокатската фирма „Филдфишер“.
Девојчето сега е дома, но од „Филдфишер“ кажаа дека таа била подложена на инвазивен третман.
Од супермаркетот велат дека досега не го добиле писмото од родителите во кое тие бараат одговори, но штом го добијат, ќе направат анализа на сите детали од тврдењето.
„Симптомите на болеста воопшто не се пријатни и носат можни посериозни последици, како откажување на бубрезите и дијализа“, изјави директорката на „Филдфишер“, Клер Глазгов.
Неколку производители на храна повлекоа свои производи од претпазливост по последното ширење на ешерихија коли во Велика Британија. Се верува дека сѐ почнало од сендвичи од супермаркет кои содржат зелена салата.