Бугарија регистрираше 150 починати од ковид-19 во изминатите 24 часа, што претставува нов дневен рекорд од почетокот на епидемијата. Истовремено се потврдени речиси 3.000 нови случаи на коронавирус, додека бројот на хоспитализирани лица порасна на повеќе од 5.900, од кои 503 се сместени на интензивна нега.
Според премиерот Бојко Борисов, последното зголемување на бројките се должи на ширењето на британскиот сој на коронавирусот, особено меѓу младата популација, поради што најави воведување дополнителни рестриктивни мерки. Тој вели дека нема рецепт за справување со вирусот, освен да се почитуваат препораките на лекарите.
„Сфаќам дека Бугарите се уморни од мерките, сакаат социјални контакти, но вие сте ме избрале зашто можам да се носам со одговорноста за моите одлуки. Противник сум на наметнати мерки, но ако болниците веќе не можат да издржат, ќе наредам нови ограничувања“, кажа Борисов.