Нема преживеани во авионската несреќа што утрово се случи во Етиопија, потврдија властите.
Компанијата „Етиопијан ерлајнс“ објави дека во „боинг 737“ што се урна набргу по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба имало 149 патници и осум членови на екипажот. На трагичниот лет за Кенија имало државјани на 33 земји. Засега не е познато што е причината за несреќата.
Авионот изгубил контакт со контролата на летот само шест минути по полетувањето и се урна во близина на градот Бишофту, 62 километри југоисточно од Адис Абеба.
Претставен во 2016, „боинг 737 макс 8“ е релативно нов тип на авион во употреба и кон флотата на „Етиопијан ерлајнс“ бил додаден во јули минатата година. Ист тип на авион се урна и пред пет месеци во море во близина на Индонезија, кога загинаа 189 луѓе.