17-ГОДИШНА ДЕВОЈКА УБИЕНА ВО НАПАД СО МЕЧ ВО УЧИЛИШТЕ ВО ШВЕДСКА, ТРИ ЛИЦА СЕ ПОВРЕДЕНИ

    17-ГОДИШНА ДЕВОЈКА УБИЕНА ВО НАПАД СО МЕЧ ВО УЧИЛИШТЕ ВО ШВЕДСКА, ТРИ ЛИЦА СЕ ПОВРЕДЕНИПолицијата веднаш го уапси 18-годишниот осомничен, за кого обвинителството одреди притвор под сомнение за убиство и повеќе обиди за убиство. (Фото: Фагерста Постен)

    Седумнаесетгодишна девојка загина откако тинејџер вооружен со меч нападна ученици во средното училиште Бринел во шведскиот град Фагерста. Во инцидентот што се случи за време на наставата, повредени се уште три малолетни лица, меѓу кои две момчиња на возраст од 12 и 17 години, кои по укажаната помош за полесни повреди се во стабилна состојба, додека третиот повреден веќе е пуштен од болница.

    Полицијата веднаш го уапси 18-годишниот осомничен, за кого обвинителството одреди притвор под сомнение за убиство и повеќе обиди за убиство. Надлежните соопштија дека при апсењето било употребено службено оружје, но напаѓачот не бил ранет ниту имал потреба од медицинска нега.

    Истражните органи проверуваат дали уапсениот бил дел од интернет заедници кои поттикнуваат насилство во образовните институции. Фокусот на истрагата е ставен и на профил на мрежата ТикТок, каде дваесетина минути пред нападот била објавена фотографија од меч направена во училишниот тоалет. Профилот, кој постоел околу еден месец пред да биде отстранет, содржел материјали со референци за претходни масовни злосторства во Шведска, како и за екстремно десничарскиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик.

    Поради трагедијата во Фагерста, шведските политички лидери ги прекинаа активностите за претстојните парламентарни избори. Премиерот Улф Кристерсон и лидерката на опозицијата Магдалена Андерсон го посетија местото на настанот за да изразат сочувство до семејството на загинатата девојка и да им дадат поддршка на повредените.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира