Деветнаесетгодишен фудбалер е идентификуван како еден од Авганистанците кои во понеделникот загинаа паѓајќи од американски воен авион во полетување. Генералниот директорат за физичко воспитување и спорт потврди дека станува збор за поранешниот младински фудбалски репрезентативец на Авганистан, Заки Анвари, кој живеел во Кабул.
„Анвари беше меѓу илјадници млади луѓе кои сакаа да ја напуштат земјата, при што во трагичен инцидент паднал од авион во воздух“, соопшти директоратот на Твитер.
Во Кабул настанаа паника и хаос набргу откако талибанците во неделата го окружија градот, а потоа и го освоија без борба. Илјадници жители се упатија кон аеродромот, обидувајќи се да фатат некој од последните комерцијални летови од земјата. Тие во понеделникот беа целосно суспендирани откако американската војска ја презеде контролата врз аеродромот и воздушниот сообраќај, што на Авганистанците им ги намали можностите за заминување од државата.
Анвари бил меѓу луѓето кои во моментите на очај се обиделе да се качат на американски воен авион „боинг Ц-17“ додека се подготвувал да полета. Дел од нив се качиле на тркалата и на долната страна од крилата и страшните снимки од пистата покажаа како двајца луѓе паѓаат од авионот.
Американските воздушни сили соопштија дека ќе спроведат истрага за овие трагични настани на аеродромот.