Министерот за внатрешни работи на Австрија Герхард Карнер изјави дека ситуацијата била многу сериозна и со цел да спречат трагедија била донесена одлука да се откажат трите концерти на Тејлор Свифт во Виена, закажани за денеска, утре и в сабота на стадионот „Ернст Хапел“. Набргу потоа, 19-годишниот првоосомничен, идентификуван како Мухамед, што му бил војнички прекар инспирирано од пророкот Мухамед, дал целосно признание откако бил уапсен во неговиот дом во градот Терниц во Долна Австрија.
„Австриецот со потекло од Македонија и неговиот 17-годишен соработник, кој беше уапсен на стадионот, каде што работел, биле многу сериозни. Ова е видливо и од промените во нивното општествено однесување. 19-годишникот дал отказ на работа и рекол дека има големи планови. Набргу потоа го променил својот изглед и се приклонил кон Исламска држава“, изјави Карнер на прес-конференција.
Шефот на Тајната служба на Австрија Омар Хаиџави-Пирхнер објасни како нападот требало да биде изведен.
„Во нападот требало да бидат користени експлозиви и оружја за сечење и бодење. Тие сакале да убијат што е можно повеќе луѓе. Во куќата на првоосомничениот се пронајдени хидроген пероксид, експлозивни уреди, мачети и ножеви. Експлозивите се уништени на самото место поради нивната опасна природа. И натаму се истражува дали во нападот требало да биде користен автомобил. Нема информации дека има опасност за други големи настани“, кажа Хаиџави-Пирхнер.
Додава дека нападите требало да бидат фокусирани на просторот околу стадионот. На секој концерт на Свифт се очекуваа по 68.000 фанови, плус 22.000 надвор од стадионот „Ернст Хапел“.
„Тој очигледно бил радикализиран и сметал дека е исправно да се убиваат ‘неверници‘“, изјави Хаиџави-Пирхнер.
Властите претходно кажаа дека има и други осомничени.
Австриските власти испратија барање до македонското Министерство за внатрешни работи за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планирање терористички напад во Виена, соопшти МВР. Оттаму додаваат дека постапуваат по однос на доставеното барање.