Околу 22 милиони луѓе во Велика Британија живеат во областите во кои што не бил пријавен ниеден смртен случај од ковид-19 во април, стои во анализата на Би-Би-Си. Во јануари, помалку од 50.000 луѓе живееле на тие простори.
Владата продолжува да им порачува на луѓето да ги почитуваат мерките и да одат да се вакцинираат кога ќе бидат повикани. Од денеска, вакцинирањето е достапно за сите над 40 години.
Овој месец биле регистрирани помалку од 600 смртни случаи во рок од 28 дена од позитивен тест за коронавирус, додека во јануари ги имало над 30.000. Сите овие бројки укажуваат на тоа дека пандемијата во Велика Британија влегува во нова фаза, при што во многу области се намалува нивото на зараза.
„Последниот карантин и програмата за имунизација успешно го намалија бројот на новозаразени и починати. Ова се навистина добри вести и ни дава голема доверба. Сепак, да не заборавиме дека работите многу лесно можат да отидат во погрешна насока“, изјави експертот за заразни болести Мајк Тилдесли.
Областите во кои немало починати од ковид-19 во април имале помала бројка на заразени во март, 150 на 100.000 жители. Таму каде што имало смртни случаи во април, стапката во март била 240 заразени на 100.000 жители.
Плимут, град со 250.000 жители, нема починати од ковид-19 веќе 58 дена, а Оксфорд 60.