Светската здравствена организација процени дека 23 милиони луѓе, од кои над милион деца, се изложени на последиците на вчерашниот катастрофален земјотрес во Турција и Сирија, додека бројот на загинати во двете земји надмина 5.000.
„Особено сме загрижени за областите од кои што сè уште немаме доволно информации. Се наоѓаме во трка со времето“, кажа шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Ситуацијата е особено сложена во поделената Сирија, бидејќи доставата на помош е блокирана поради оштетени патишта. Волонтерската организација „Бели шлемови“, која оперира на територијата под контрола на бунтовниците, вели дека стотици семејства остануваат заглавени под урнатините на згради во северозападна Сирија.
Турските власти кажаа дека од катастрофата се погодени 13,5 милиони луѓе во област што се простира 450 километри од Адана на западот до Дијарбакир на истокот, како и 300 километри од Малатија на северот до Хатај на југот. Во Сирија, властите пријавија смртни случаи 100 километри подалеку од епицентарот.
Турската агенција за итни случаи соопшти дека 5.775 згради се уништени во вчерашниот земјотрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала, по кој следеле 285 афтершокови. Според Американскиот геолошки институт, ова бил најсилниот земјотрес на светско ниво од еден во далечниот Јужен Атлантик во август 2021.