235 МРТВИ ВО НАЈКРВАВИОТ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД ВО ПОНОВАТА ИСТОРИЈА НА ЕГИПЕТ

    235 МРТВИ ВО НАЈКРВАВИОТ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД ВО ПОНОВАТА ИСТОРИЈА НА ЕГИПЕТСѐ уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, но последниве години тие најчесто беа дело на Исламска држава (Фото: ЕПА)

    Бројот на загинати во терористичкиот напад во џамијата во египетскиот град Бир ал-Абед порасна на 235, што е најсмртоносниот напад врз цивили во модерната историја на државата.

    Сѐ уште ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но последниве години на Синајскиот Полуостров, тие најчесто беа дело на Исламска држава.

    Исламските милитанти ги почнаа своите акции во регионот во 2013 година и ова им е најкрвавиот напад досега. Нивната цел досега најчесто беа коптските христијански цркви, додека нападите врз џамии беа ретки.

    По состанокот со официјални лица на безбедносните сили, египетскиот претседател Абдул Фатах ал-Сиси се заколна дека неговиот одговор ќе биде брутален.

    Во координираниот напад, бомбаш-самоубиец прво се разнесе во џамијата, во моментите кога на молитва беа припадниците на безбедносните сили, а откако луѓето почнаа да бегаат во паника, врз нив беше пукано од огнено оружје од неколку џипови.

    „Сцената беше ужасна. Телата лежеа распарчени внатре во џамијата. Тие пукаа по луѓето кои истрчуваа од џамијата, но и по амбулантните возила“, изјави еден сведок.

    Меѓу загинатите, најмалку 25 се деца. Официјални лица соопштија дека има и 109 повредени.

    Насилствата во Синај почнаа откако Сиси дојде на власт во 2013 година, и тоа благодарение на војската, која го тргна демократски избраниот претседател Мохамед Морси.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира