Иран притвори 3.700 луѓе за време на бранот демонстрации против државната политика и религиозните власти, објави денеска ирански пратеник.
Реформистичкиот политичар Махмуд Садеги ја објави бројката на уапсени, која е многу повисока отколку што претходно се мислеше и притоа наведе листа обезбедена од тајната служба и од Министерството за внатрешни работи.
Властите итно мора да ги информираат семејствата на уапсените, кажа Садеги во интервју за новинската агенција Икана.
Парламентарната комисија за граѓански слободи побара од Министерството за правда пристап до притворените, кажа портпаролот на комисијата Бахрам Парсеи, објави новинската агенција ИСНА.
Во листата на затвори до кои се бара пристап е и познатиот затвор Евин, кој се наоѓа надвор од Техеран, и каде 22-годишен протестант изврши самоубиство викендов под неразјаснети околности.
Претходно беше објавено дека меѓу 1.000 и 1.800 луѓе се упасени во антивладините демонстрации, кои почнаа кон крајот на минатиот месец и се проширија низ градовите во Иран.
Демонстрантите прв пат излегоа на улиците на 28 декември лани, за да протестираат за економските проблеми, политиката на Техеран за Блискиот Исток, како и против религиозниот естаблишмент во земјата. Во немирите што следеа беа убиени 18 демонстранти, а двајца загинаа како резултат на несреќи за време на протестите.
Според судските органи на земјата над 200 демонстранти кои беа упасени, повеќето студенти, се ослободени. Се очекува повеќето да бидат ослободени, но според судските власти нема да бидат ослободени водачите на немирите. Членовите на прогонетата дисидентската група „Муџахедини на народот на Иран“, кои државата ги обвини за бранот протести, можно е дури и да се соочат со смртна казна.
Врховниот лидер на Иран ајатолахот Али Камнеи немирите ги нарече борба на непријателите на Иран, иранскиот народ и исламот.
„Протест е една работа, но да го навредуваш исламот и Куранот, палење џамии и кинење на националното знаме е нешто друго“, кажа иранскиот врховен духовен водач.
Другите членови на свештенството и војската исто така побараа строги казни за демонстрантите.
Двојниот оскаровец, режисер и сценарист Асгар Фархади ја повика владата во Техеран да ги разгледа барањата на демонстрантите: „Затворање и закани не се решение за овие прашања“, кажа тој.