Триесет и седумгодишниот економист и лидер на движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ, ќе го предизвика Мило Ѓукановиќ во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора, што ќе се одржи на 2 април. Актуелниот претседател освои повеќе гласови од Милатовиќ во вчерашниот прв круг, 35,2% наспроти 29,2% и третопласираниот Андрија Мандиќ (19,3%) веќе ги повика своите гласачи да му дадат поддршка на Милатовиќ за две недели.
И актуелниот премиер Дритан Абазовиќ кажа дека неговата партија Граѓанско движење УРА ќе му даде поддршка на Милатовиќ.
Милатовиќ работеше во Европската банка за обнова и развој, каде што во 2018 беше унапреден во главен економист, а од 2020 до 2022 ја извршуваше функцијата министер за економски развој во владата на претходниот премиер Здравко Кривокапиќ. По падот на оваа влада, го формираше движењето „Европа сега“, а за време на предизборната кампања беше нападнат во Цетиње.
Ѓукановиќ изјави дека не се плаши од противникот и дека очекува победа во вториот круг.
„Во првиот круг го остваривме она што го посакувавме, освоив повеќе од 120.000 гласови. Тоа е сериозна предност во однос на противкандидатот“, кажа Ѓукановиќ.