Околу 377 деца од 22 земји од Европа и Централна Азија починале во 2021 поради високите температури, стои во извештајот „Победете ја горештината: детското здравје среде топлотните бранови во Европа и Централна Азија“ на УНИЦЕФ. Половина од овие деца починале во првата година од животот од болести предизвикани од топлина. Повеќето деца починале во летните месеци.
„Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија или 92 милиони веќе се изложени на чести топлотни бранови во региони каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот. Сè повисоките температури може да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, особено кај најмалите, дури и за кратко време. Без соодветна нега, ваквите компликации може да бидат опасни по живот“, вели Регина де Доминисис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.
Изложеноста на топлина има акутни ефекти врз децата, дури и пред да се родат, па може да доведе до предвремено породување, мала тежина при раѓање, мртвороденче и вродени аномалии.
Топлотниот удар претставува директна причина за смртност кај доенчињата, може да го засегне нивниот раст и да предизвика низа педијатриски заболувања. Исто така, во извештајот стои дека екстремните горештини предизвикале загуба на над 32.000 години здрав живот кај децата и тинејџерите во регионот.
Бидејќи температурите и натаму растат, УНИЦЕФ испрати повеќе препораки до владите низ Европа и Централна Азија, меѓу кои се: да интегрираат стратегии за намалување на ефектот од топлотните бранови преку националните утврдени придонеси, да инвестираат во здравствени акциски планови, да инвестираат во системи за рано предупредување, да ги адаптираат образовните установи за да се намалат температурите во просторот и да се обезбеди снабдување со чиста вода, особено во земјите каде што квалитетот и достапноста на водата се влошуваат.