58 МРТВИ ВО ЛАС ВЕГАС, ИСИС ПРЕЗЕДЕ ОДГОВОРНОСТ, ФБИ ЈА ДЕМАНТИРА

    58 МРТВИ ВО ЛАС ВЕГАС, ИСИС ПРЕЗЕДЕ ОДГОВОРНОСТ, ФБИ ЈА ДЕМАНТИРАДури ни семејството на убиецот не знае кои се мотивите на неговиот чин (Фото: Гети)

    Бројот на загинати во најсмртоносниот напад со огнено оружје во историјата на САД се искачи на 58, но билансот би можел дополнително да се зголемува, бидејќи над 500 лица се повредени во пукањето, што се случи на фестивалот на кантри музика во центарот на Лас Вегас.

    Шеесет и четиригодишниот Стивен Падок рафално пукаше од 32. спрат на елитниот хотел „Манделеј беј“ и полицијата соопшти дека тој се самоубил, пред тие да дојдат до него.

    „Се уште не знаеме многу за Падок. Тој живееше во нашиот град и полицијата досега немаше никаков контакт со него. Ние сме мало гратче и тука не се случува повеќе од едно убиство годишно“, изјави портпаролот на полицијата на Меските, Квин Аверет.

    Терористичката организација Исламска држава побрза на Твитер да ја преземе одговорноста за масакрот, тврдејќи дека Падок пред неколку месеци преминал на ислам, со што станал нивни борец.

    ФБИ на ова одговори дека засега нема докази и сознанија дека масакрот во Лас Вегас има врски со меѓународниот тероризам. Мотивите на Падок остануваат непознати, дури и за неговото семејство.

    „Марс тукушто падна на Земјата. Навистина не знаеме што му се случи. Никако не можеме да го објасниме овој чин“, изјави братот на убиецот, Ерик Падок.

    Судските органи, пак, соопштија дека Падок имал неколку големи коцкарски трансакции во последните неколку недели, изразени во десетици илјади долари, но нејасно е дали тоа биле добивки или загуби.

    „Знаеме дека Падок самиот го внесол оружјето во хотелот. Во прв момент мислевме дека имал помошник, но тоа се покажа неточно. Утврдивме дека жената што ја баравме е во странство“, кажа шефот на локалната полиција, Џозеф Ломбардо.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира