Словенечкиот авиопревозник „Адрија ервејс“ денеска и официјално прогласи банкрот поради финансиски проблеми и ги откажа сите летови.
„Менаџментот ја покрена постапката за банкрот поради несолвентноста на компанијата“, објави германската инвестициска фирма „4К Инвест“, која од 2016 беше сопственик на „Адрија“.
Локалните медиуми објавија дека последниот лет на компанијата било враќањето на словенечката одбојкарска репрезентација од Париз, каде што вчера загуби од Србија во финалето на Европското првенство. Екипажот на авионот бесплатно го одработил летот.
„Адрија“ е последната во долгата низа мали европски авиокомпании кои влегоа во финансиски проблеми поради преголемата конкуренција во индустријата и високите цени на горивото. Од минатиот вторник, „Адрија“ откажа повеќе од 400 летови, што погоди над 15.000 патници. Словенечките медиуми објавија дека таа има долгови од 90 милиони евра.
Министерот за економија Здравко Почивалшек изјави дека владата ја разгледува можноста за формирање нова авиокомпанија.
„Колапсот на ‘Адрија‘ многу им наштети на економијата и туризмот на Словенија“, изјави тој.