Владимир Путин порача дека не сака војна со Европа, но е спремен за неа ако таа сака да се бори против Русија. Тој збореше неколку часа пред средбата со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, со кого ќе разговара за американскиот план за крај на војната во Украина.
Овој план првично се состоеше од 28 точки, но по критиките од Киев и европските земји дека ја фаворизира Русија и ѝ дава премногу отстапки, беше ревидиран и намален на американско-украинските разговори во Женева. Путин кажа дека европските предлози за крај на војната се неприфатливи за Русија.
„Нема да се бориме со Европа, стопати го имам кажано тоа. Но, ако Европа сака да се војува со нас, ние сме спремни за тоа во овој момент“, рече Путин.
Запрашан за учеството на Европа во мировните разговори, Путин кажа:
„Европа сама се повлече од европското решение. Европејците немаат мирна агенда. Наместо тоа, ги попречуваат напорите на САД за решавање на конфликтот“.
САД и Украина досега ги немаат објавено измените на американскиот мировен план што биле направени под притисок на Киев и неговите европски сојузници. Во меѓувреме, Русија не покажа знаци дека ќе ги повлече своите максималистички барања, вклучувајќи ја контролата врз целиот регион Донбас, додека нејзините сили продолжуваат бавно да напредуваат на фронтот долг 1.200 километри.



