Првичната истрага за екплозијата во центарот на Бејрут во која загинаа 100, а повредени се над 4.000 луѓе, упатува дека станува збор за повеќегодишна небрежност и непреземање акција за магацините во кои се чувало високоексплозивен материјал, вели за Ројтерс официјален службеник кој има увид во истрагата.
Од експлозијата во воздухот се крена облак во вид на печурка, а ги стресе и прозорците на зградите на островот Кипар, кој е на 160 км оддалеченост од Бејрут.
Премиерот и претседателот на Либан рекоа дека 2.750 тони алуминиум нитрат, кој се користи за ѓубриво и бомби, шест години бил складиран на пристаништето без мерки за безбедност.
„Ова е небрежност“, изјави за Ројтерс официјален извор, кој додаде дека прашањето за безбедноста на складирањето на високоексплозивниот материјал било ставено на расправа пред неколку комитети и судии, но ништо не било преземено за тој да се отстрани или пренесе на безбедно место.
Царината испратила шест документи до судот со предупредување дека материјалот е опасност и барање да се дислоцира, но никој не презел ништо, изјави за локалната ТВ директорот на царинската управа. Извори од пристанишната управа велат дека пред 6 месеци тим го испитал амониум нитратот и предупредил дека ако не се дислоцира „ќе го крене во воздух цел Бејрут“.
Либанските граѓани ги обвинуваат политичарите кои со децении ја дозволуваат корупцијата и лошото владеење кое што го фрли Либан во финансиска криза.
Експлозијата го уништи пристанинишниот дел на градот и ги пресече главните рути на земјата за прехранување на нацијата од над 6 милиони луѓе, која ионака веќе се мачи да ги прехрани и смести стотиците илјади бегалци од Сирија. Исто така, уништен е и главниот силос за жито, со што земјата останува со залихи за едвај еден месец.