Активисти фрлија материја налик на пепел врз еврокомесарот за здравство Оливер Вархеји, протестирајќи против најавените нови европски правила со кои се олеснува употребата на пестициди. Вархеји се подготвуваше да одржи говор на самит посветен на ракот, кога двајца демонстранти се качија на бината и врз него фрлија сива, правлива материја.
„Јас сум пациент со рак, протестирам против овој сеопфатен закон“, изјави еден од активистите од француската група „Cancer Colère“.
„Ова е пепелот на луѓето што ќе ги убиете со пестицидите“, додаде друг.
Вархеји го истресе правот и го продолжи својот говор.
Европската комисија претстави нов нацрт-закон за одобрувње на употребата на бројни пестициди, со цел да им се олесни работата на земјоделците. Повеќе од 2.000 научници потпишаа писмо со кое бараат предлогот да се стави во мирување сè додека не се спроведе независна проценка на влијанието.



